Македонија МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки за време на празниците поради заканите...

МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки за време на празниците поради заканите од ИД

Министерството за внатрешни работи наредните денови, за време на велигденските празници, ќе ги зајакне безбедносните мерки на целата територија на државата, поради глобалните терористички закани од страна на Исламска држава (ИД), чија цел се и земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, соопштија попладнево од МВР.

– Со оглед на глобалните терористички закани, во кои цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет), потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани, од страна на терористичката ИД, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата – стои во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека заради непречено одвивање на претстојните велигденски празници, МВР ќе преземе „низа безбедносни мерки и активности, во согласност со оперативните планови за работа, во насока на заштита на јавниот ред и мир и за безбедноста на објектите и на граѓаните“.