Македонија МВР ја извести ДИК дека сè уште постапува по голем дел од...

МВР ја извести ДИК дека сè уште постапува по голем дел од нејзините барања

Во врска со барањата на Државната изборна комисија (ДИК) испратени до Министерство за внатрешни работи за проверка на податоци за гласачи, МВР ја известило ДИК дека сè уште постапува по голем дел од нејзините барања.

– Заради фактот што се работи за многу комплексна и обемна задача, обработката на податоците неопходно е да се извршува сукцесивно. За дел од прашањата што се наведени во вашите барања, ве информираме дека резултатите сè уште не се комплетни, односно ги обработуваме податоците со динамика и со опфат со кои истите ги добиваме од локалните комисии и организационите единици во МВР – стои во укажувањето на МВР до ДИК.

Од МВР велат дека неопходно е дел од податоците да се проверат во информатичката база.

– Поголемиот дел од проверките на записите што се доставуваат од ваша страна се проверуваат единствено преку информатичките бази на податоци во МВР, кои, според општо познатите информации во јавноста и во службите во МВР, се неажурирани и некомпатибилни со фактичката состојба и затоа не треба да претставуваат единствен извор на информации – велат од МВР.

Од оваа институција укажуваат дека дел од прашањата кои се однесуваат на лица што се надвор од Македонија, не може да се проверуваат само преку информатичкиот систем, без да бидат проверени во базите за евидентирање на влез и на излез на граничните премини.

Оттаму велат дека и повеќе време е потребно за анализирање на податоците за утврдување на основот за живеалиште, за во случаите каде нема легитимна основа за добивање решение за живеалиште, да се почне управна постапка по службена должност за поништување на евентуалните нелегално издадени решенија.

– За овие лица освен административната проверка, во информатичките бази на податоци, исто така е неопходно да се изврши и теренска проверка од овластени службени лица од МВР, за да добиеме што поверодостојни и вистинити податоци, во согласност со реалната состојба – велат од МВР.