Хроника Мртво новороденче пронајдено во тоалет во тетовската болница

Мртво новороденче пронајдено во тоалет во тетовската болница

Синоќа, околу 22 часот, дежурен лекар во тетовската болница пријавил дека во тоалетот на интерното одделение пронашол мртво новородено бебе, покриено со пелени, информира полицијата.

Јавен обвинител, екипа на тетовската полиција и доктор по судска медицина извршиле увид на местото, а телото на бебето било однесено на одделот за судска медицина.

Од полицијата информираат дека по извршениот разговор со дежурните лекари од интерното и од гинеколошкото одделение на болницата било утврдено дека околу 16 часот, на интерното одделение била примена 36-годишната С.Н. од селото Групчин, која по кратко време, поради дијагнозата, била препратена на гинекологија.

Според лекарите, С.Н. имала спонтано породување бидејќи пронајденото бебе одговарало на шести месец од бременоста, а и добиениот материјал од утерусот укажувал дека таа се породила.

Од друга страна, пак, С.Н. и нејзиниот сопруг, 42-годишен сопруг Е.А., тврделе дека таа воопшто не била бремена и дека не се породила.

Од полицијата информираат дека „местото на настанот е фотодокументирано и земени се брисеви за ДНК-анализа, а Секторот за внатрешни работи Тетово презема мерки за целосно расчистување на случајот.