Македонија МРТВ мора да има институционална автономија

МРТВ мора да има институционална автономија

Клучната задача на јавниот радиодифузер е да биде простор во кој ќе биде овозможено претставување на различните идентитети и наоѓањето на нивните заеднички поврзувачки елементи. Идеалниот модел на јавен радиодифузен сервис мора да се темели и да функционира според одредени принципи. Тоа се универзалност, разновидност, различност или препознатливост, квалитет, одговорност, како и инстуционална автономија и уредувачка независност, кои се најнужните принципи. Ова беше заклучокот од дебатата за документот за јавна политика „Од МРТ до независна јавносервисна радиодифузија во Македонија“, чиј автор е комуникологот Климе Бабуновски.

На дискусијата посветена на потребата од независен јавен радиодифузен сервис во Македонија, дебатираа новинарката Санта Аргирова, Снежана Трпевска од Високата школа за новинарство, комуникологозите Сефер Тахири и Климе Бабуновски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани и Драган Антоновски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Новинарката Санта Аргирова истакна дека во извештајот на Европската комисија постои сериозна загриженост за контролата на Владата врз медиумите.
– Анализата на програмата на МРТВ покажува дека во некои ситуации, јавниот радиодифузен сервис се става во улога на директен актер и инструмент за пропаганда на власта. Дебатни емисии речиси и да нема и не се поттикнува јавната дебата за клучни прашања – рече Аргирова.

На дебатата беа поканети, но не присуствуваа и членови на програмскиот совет на МРТ, директорот на МРТВ, Маријан Цветковски, и главниот и одговорен уредник на информативната програма, Горан Петревски.