Македонија МОН попушти: Математиката нема да биде задолжителна на матура

МОН попушти: Математиката нема да биде задолжителна на матура

Предметот математика во полагањето матура нема да биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно-математичкото подрачје. Ова денеска го договорија Унијата на средношколци и Министерството за образование и наука.

„По подолга дебата, се постигна согласност предметот математика да не биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно на почетокот од третата година од средното образование, го одбрале природно-математичкото подрачје. За гимназијалците коишто го одбрале општествено-хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, во согласност со личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично-уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик“, велат од МОН.

На средбата се постигнала и согласност, според која Министерството за образование и наука во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритет при уписите да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.