Македонија МОН ги повика наставниците да дадат предлози за новите наставни програми

МОН ги повика наставниците да дадат предлози за новите наставни програми

Министерството за образование и наука ги повика наставниците од одделенска настава да достават предлози и коментари за новите наставни програми што се подготвуваат во основото образование.

„За да создадеме што е можно подобар и поквалитетен образовен модел, сакаме да го слушнеме гласот и мислењето на лицата кои се секојдневно вклучени во образовниот процес, наставниците. За таа цел, Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми за прво одделение“, стои во соопштението на МОН.

Предлозите и коментарите наставниците, како што информираат од МОН, можат да ги достават на мејл-адресата npp@mon.gov.mk , а, исто така, можат да ги достават и до архивата на Министерството за образование и наука (улица Св. Кирил и Методиј бр. 54).

Од Министерството велат дека наскоро очекуваат да ги добијат и новите наставни програми за второ и трето одделение.

Новиот образовен модел го подготвува Работна група која се состои од експерти во областа, професори од Филозофскиот и од Педагошкиот факултет, но и практичари во областа, односно наставници кои работат со деца од прво до трето одделение.