Македонија Молк меѓу Македонците во Албанија по апсењето на Едмонд Темелко

Молк меѓу Македонците во Албанија по апсењето на Едмонд Темелко

По веста за апсењето на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, молк меѓу Македонците и нивните здруженија и партии во Албанија.

Темелко беше уапсен во утринава во Ресен, поради сомневање за поврзаност со изборни измами, кои произлегуваат од случајот под работно име „Титаник“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство.

Темелко дури во три мандати беше градоначалник во општината Пустец, во Албанија, единствената македонска општина во соседната земја, а сепак со семејството живееше во Ресен.

Децата ги школуваше во Ресен, имаше бизниси во Македонија, а истовремено беше и претседател на политичката партија Македонска алијанса за европско интегрирање во Албанија.

„Мета“ се обиде да контактира со генералниот секретар на партијата и советник во општина Пустец, Васил Стерјовски, но не добивме одговор на барањето да даде личен и партиски став за апсењето.

Со слично барање се обративме и до претседателот на Македонското друштво „Илинден“ во Тирана, Никола Ѓурѓај, но и од него не добивме никаков одговор.