Македонија МО: Лицето кое упатува погрдни зборови кон полицијата не е дел од...

МО: Лицето кое упатува погрдни зборови кон полицијата не е дел од „Волците“

Баталјонот за специјални намени | Фото: АРМ

Откако на социјалните мрежи и во дел од онлајн медиумите се појави видео во кое наводен член на специјалната единица „Волци“ упатува навреди и закани кон припадниците на полицијата, од Министерството за одбрана демантираат дека тој е дел од Армијата. Поточно, потенцираат дека во ноември 2021 година лицето добило отказ од АРМ.

„Во врска со видеото кое се шири низ социјалните мрежи во кое лице упатува погрдни и исклучиво недолични зборови кон службениците кои го штитат јавниот ред и мир и за кое лажно се тврди дека е дел од армиската специјална единица „Волци“, Министерството за одбрана информира дека лицето во ноември 2021 година има добиено отказ од Армијата на Република Северна Македонија заради три-дневно последователно неоправдано отсуство од работа“, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.

Оттаму најостро ги осудуваат овие недолични искази и лажното претставување во име на Армијата.

„Припадниците на Армијата се достоинствени и посветени на безбедноста на сите граѓани и на државата. Армијата е гарант на мирот и стабилноста, гарант на сувереноста на татковината“, се вели во соопштението од МО.