Македонија МНР воведува Е-КОНЗУЛАТ – полесен пристап до конзуларните услуги во странство

МНР воведува Е-КОНЗУЛАТ – полесен пристап до конзуларните услуги во странство

Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја презентираше првата фаза на проектот Е-КОНЗУЛАТ, дигитализирана платформа на конзуларните услуги, со кој значајно се поедноставува процесот на добивање на одреден документ и се зголемува ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва со странство.

„Проектот се подготвува подолго време и произлегува од поплаките, коментарите и сугестиите на нашите државјани во странство и дијаспората. Преку него се овозможува далеку полесен пристап до конзуларните услуги: од барањето за одредена конзуларна услуга, па се до издавањето на документот“, нагласи Османи.

Новата платформа ќе овозможи поднесување барања онлајн – од компјутер или мобилен телефон.

„За некои од побараните документи, многу наскоро ќе можат и да ги добијат по пошта назад, со што би се скратиле дури две патувања до нашите претставништва“, додаде Министерот.

Целиот процес ќе се одвива електронски, вклучително и добивањето на термин и плаќањето на конзуларната услуга, а меѓу услугите на Е-KOНЗУЛАТ се поднесуваат барања за нов пасош, за патен лист, добивање потврда за државјански статус, потврда од казнена или кривична евиденција, изводи од матични книги, потврда за иста личност, спроводница, уверение за слободна брачна состојба, но и термин за други конзуларни услуги во нашите дипломатско-конзуларни претставништва.

Османи појасни дека системот во иднина ќе се надградува со дополнителни услуги.