Македонија МНР сè уште се обидува да го извлече од Газа македонскиот брачен...

МНР сè уште се обидува да го извлече од Газа македонскиот брачен пар

Брачниот пар е сместен во болница на Црвената полумесечина и во моментот е на безбедно

Фото: Muath Humaid - Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=25578269

Двете амбасади на С.Македонија, во Каиро и во Тел Авив, се во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел, со цел евакуација на двајцата македонски државјани, брачен пар, кој се наоѓа во Газа, поточно во градот Кан Јунес, на 12 километри од граничниот премин Рафах, информира Министерството за надворешни работи (МНР).

Оттаму информираат дека брачниот пар е сместен во болница на Црвената полумесечина и во моментот е на безбедно.

„Со посредство на нашите ДКП-а, ставени се на официјалната листа за евакуација и се чека да бидат создадени услови за нивна евакуација, што во најголема мерка зависи од состојбите на терен, кои во моментот не може да се предвидат. Остануваме во секојдневна комуникација со нив, сè до нивно евакуација на безбедно“, велат од МНР.

Во меѓувреме, се работи на идентификување и прибирање податоци за евентуално други наши државјани кои би можеле да бидат затекнати во Газа.

Од МНР потсетуваат на контактите на кои можат да се јават граѓаните: СОС телефони на МНР- 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро +201033615542.