Македонија МНР: Целосно го почитуваме Договорот од Преспа, неговата имплементација е обврска за...

МНР: Целосно го почитуваме Договорот од Преспа, неговата имплементација е обврска за двете страни

Од Министерството за надворешни работи и трговија, исто така, додаваат дека остануваат целосно посветени на спроведување на европскиот интегративен процес

Фото: Влада на РСМ

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со Тимчо Муцунски како нов министер, соопшти дека „во целост ги почитува преземените обврски од меѓународните договори чиј потписник е Република Северна Македонија, вклучително и од Договорот од Преспа“.

Но, оттаму потсетуваат дека имплементација на овој Договор со кој беше сменето името на државата во 2018 година со цел влез во НАТО алијансата, е обврска и за двете страни, мислејќи на Република Грција.

„Воедно ја реафирмираме подготвеноста за искористување на сите можности кои ги нуди Договорот од Преспа за натамошно јакнење на билатералната соработка во сите области од заемен интерес“, соопшти МНР.

Тие додаваат дека во целост остануваат посветени на спроведување на европскиот интегративен процес преку доследно заокружување и надградување на започнатите реформи за членството во ЕУ, како наш врвен надворешно-политички приоритет.