Македонија Мицкоски: Референдумското прашање мора да е поврзано со Договорот со Грција

Мицкоски: Референдумското прашање мора да е поврзано со Договорот со Грција

ВМРО-ДПМНЕ бара референдумското прашање да е поврзано со Договорот со Грција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратеници и рече дека премиерот Зоран Заев е во паника и шири невистини.

Тој рече дека со власта има сериозно разединување за прашањето кое ќе биде поставено на референдумот. Според него, ВМРО-ДПМНЕ не може да се сложи со прашање коешто ќе биде повеќезначно, односно ќе има повеќе значења туку со прашање кое би се однесувало на Договорот со Грција.

– Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав, односно да има едно значење, а не да биде поврзувано со повеќе значења. Имавме приближување околу ставовите дека успешен се смета оној референдум според Уставот на кои се исполнети два кумулативни услови. И тоа првиот услов да излезеноста на таквиот референдум биде поголема односно да биде 50 отсто плус еден, и минимум 50 отсто плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласа „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање – рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира референдумот доколку не постигнат договор со владејачкото мнозинство за референдумското прашање, Мицкоски рече дека не би можел да одговара на хипотетички прашања.