Главна секција Министрите и замениците-министри од СДСМ поднесоа условени оставки

Министрите и замениците-министри од СДСМ поднесоа условени оставки

Министрите и дополнителните заменици-министри од СДСМ поднесоа оставки од функциите во Владата на Република Македонија. Како што на прес-конференција изјави Оливер Спасовски, генерален секретар на партијата, тие бараат нивните оставки да се констатираат ако стапи на сила одлуката за распуштање на Собранието, донесена на 18 јануари.

– Во согласност со Договорот од Пржино, Владата во која учествуваме се формираше за организирање на фер и веродостојни избори откако ќе се исполнат сите точки од овој договор. Во Македонија нема услови за фер и демократски избори на 24 април. Тоа директно е потврдено и од Европската унија и од САД. Без прочистен избирачки список и без реформи за слободни медиуми, нема услови за регуларни избори. СДСМ нема да ги алиментира нерегуларните, неслободните и недемократски избори што ги најавува ВМРО-ДПМНЕ – изјави Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ова значи дека излегуваат од Договорот од Пржино, Спасовски рече дека Договорот е прекршен уште кога е донесена едностраната одлука за распуштање на Собранието.