Култура Министерството за култура додели 30 стипендии за стручно усовршување

Министерството за култура додели 30 стипендии за стручно усовршување

Триесет апликации прифатило Министерството за култура на конкурсот за 2015 година за стручно усовршување на млади уметници во сите дејности од културата и за едукација на дефицитарен кадар на престижни универзитети во светот.

Конкурсот се објавува од 2008 година и до 2014 година се доделени вкупно 375 стипендии за кои Министерството годишно наменува по околу два милиона денари. Стипендиите се доделуваат за сите три циклуси на високо образование (додипломски, магистерски и докторски студии) и за специјализација. Годинашните стипендисти ќе се едуцираат на познати високообразовни институции во Париз, Лас Вегас, Бостон, Москва, Прага, Грац, Салцбург, Софија, Амстердам, Луцерн, Торино, Токио…

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска на прес-конференција рече дека пријавените кандидати се селектираат според прецизни критериуми.

– Особено се вреднува дефицитарноста на уметничката дисциплина, односно се обезбедува поддршка за студии кои не се застапени во нашите образовни институции, поддршка за усовршувања кај еминентни професори и уметници, поддршка за стручна наобразба на дефицитарните кадри кои вршат непосредна заштита на културното наследство, како и стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и за маркетинг во културата и за примена на новите технологии – рече Канческа-Милевска.