Македонија Миловановиќ-Фазлиу: Македонската власт е како таа на Путин и на Ердоган

Миловановиќ-Фазлиу: Македонската власт е како таа на Путин и на Ердоган

Македонската влада преку медиумите што ги контролира и скапите маркетинг-кампањи ја шири и зацврстува идејата дека Македонците исчезнуваат и се нападнати, пишува Ана Миловановиќ-Фазлиу, ќерката на поранешната американска амбасадорка во Македонија, Џилијен Миловановиќ.

Миловановиќ-Фазлиу во текстот објавен на веб-страницата „Алијансата за градење мир“, покрај тоа што дава историјат за македонската држава и за македонско-албанските односи, наведуваа дека причината за ваквата кампања е порастот на албанската популација во Македонија, непризнавањето на името од Грција, како и непризнавањето на историјата и на јазикот од Бугарија.

Ќерката на поранешната амбасадорка, во текстот се осврнува и на „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кои, како што наведува, го откриваат недостигот од демократски интегритет во Македонија.

„Видни личности од Владата и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се снимени како влијаат врз судии, задушуваат медиуми, местат избори и заплашуваат членови на ВМРО. Премиерот Груевски тврди дека Заев поттикнува државен пуч против него и оти сака да ја дестабилизира Македонија. Сојузникот на Македонија, Турција, користеше слична реторика за да ги оцрни антивладините демонстрации во 2013 година“, се наведува во текстот.

Миловановиќ-Фазлиу наведува дека двајца претставници на ЕУ забележале бесрамна дискриминација во разговорите, каде со погрдни зборови се именуваат Албанците и Ромите.

„Министерката за внатрешни работи е снимена како вели дека е в ред да се држат 11 етнички Албанци во затвор, иако нема докази за нивната вина, бидејќи затворите и онака се полни со Шиптари“, наведува Миловановиќ-Фазлиу, додавајќи дека правата на малцинствата, исто така, не се приоритет ниту на опозицијата.

Македонскиот невладин сектор, според Миловановиќ-Фазлиу, е ослабнат поради тврдењата на ВМРО дека повеќето од оние кои ги бранат загарантираните човековите права се „соросоиди“, следбеници на Џорџ Сорос, и оти се дел од глобалниот заговор против Македонија.

„Опозицијата бара реформи кои се на иста линија со ставовите на странските невладини организации. Токму затоа ВМРО ја обвинува опозицијата дека работи за странски интереси. Ова е слично на рускиот пристап кон НВО, како и на Таџикистан. Затворајќи ги невладините организации, власта ги уништува обидите на граѓаните да формираат групи на интерес, кои ќе ги застапуваат нивните права“, се наведува во текстот.