Македонија Милошоски: Законот за употреба на јазиците е неуставен и дискриминирачки

Милошоски: Законот за употреба на јазиците е неуставен и дискриминирачки

Дебатата за Законот за употребата на јазиците на Собраниската комисија за европски прашања предизвика жесток дуел помеѓу пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Џеват Адеми од ДУИ.

Милошоски смета дека предлог-законот е противуставен, дека претставува политички договор на владината коалиција и дека без аргументи се носи под знакот на европското знаменце. Според Милошоски предлог-законот е дискриминирачки кон другите етнички заедници.

– Овој предлог-закон слободно може да се нарече „закон за употреба на албанскиот јазик“, иако граѓанинот Албанец нема да добие ништо повеќе во Кичево, Тетово или Струга со носењето на овој закон – смета Милошоски.

Џеват Адеми од ДУИ рече дека законот не е против македонскиот јазик туку дека со него им се остваруваат загарантираните права на Албанците и додаде дека ДУИ на предвремените парламентарни избори била казнета од гласачите поради коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реплицираше Милошоски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ.

– Не може вашите неуспеси на изборите, односно падот од 20 на 10 пратеници да ни ги препишувате нам. Не може ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ, во Чаир, Тетово и во Струга, и не може оваа загуба да ја надоместите со овој предлог-закон за употреба на јазиците кој е неуставен – рече Милошоски.

Адеми побара од Милошоски да се извини за обвинувањата упатени кон градоначалниците од редовите на ДУИ.

– Јавноста слушаше за корумпирани политичари, за огромни провизии, но јас никого не нарекувам корумпиран без за тоа да има судска пресуда. Најмалку што може да направите, Милошоски, е да му се извините на Изет Меџити, да ѝ се извините на Теута Арифи – рече Адеми.

Комисиската расправа за предлог-законот ќе трае до четврток, по што оди на пленарна седница, од каде што треба да се врати во Комисијата за европски прашања на второ читање.