Македонија Мицкоски предложи реорганизација на Владата

Мицкоски предложи реорганизација на Владата

Предвидено е да има Министерство за култура и туризам, како и ново Министерство за дигитализација, кое ќе ги наследи обврските што ги имаше Министерството за информатичко општество и администрација

фото: Мета.мк

Идниот мандатар Христијан Мицкоски денеска поднел предлог-закон до Собранието, кој предвидува реогранизација на ресорите во Владата. Се предвидува да бидат формирани, односно реорганизирани министерства, а со реорганизацијата, наместо 16 министерства, предвидено е да 20.

Се планира Министерството за економија и труд да биде министерство кое ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија. Министерството за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади.

„Агенцијата за млади и  спорт нема повеќе да постои и ќе имаме посебно Министерство за спорт. Ќе има ново формирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Ќе има и Министерство за култура и туризам, како и ново Министерство за дигитализација, кое ќе ги наследи обврските што ги имаше Министерството за информатичко општество и администрација. Исто така, ќе има и Министерство за администрација“, кажа Мицкоски на денешната прес-конференција.

Тој кажа дека граѓаните дале доверба зашто политиките кои треба идната Влада да ги реализира, треба да донесат владеење на правото.

„Сите што се огрешиле пред законот ќе одговараат. За да донесеме реформи во економијата, да го подобриме стандардот, да го подобриме образованието во здравството, ни треба добра организација на Владата. Затоа го поднесов овој предлог-закон за измена на Законот за организација и работа на органи на државна управа, по скратена постапка“, додаде тој.

Се очекува измените да бидат изгласани на 11 јуни на пленарна седница.