Главна секција Мицкоски го информирал Ескобар за „лажните информации“ на Владата

Мицкоски го информирал Ескобар за „лажните информации“ на Владата

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, владата нема кредибилитет и ги злоупотребува претставниците на меѓународната заедница чии што дел се и САД, со лажни информации

Христијан Мицкоски | фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја оценил вчерашната средба со американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, како конструктивна и пријателска бидејќи како што рече САД се најголем и најзначаен стратешки партнер на Македонија.

„Ги аргументиравме нашите позиции, го кажавме нашиот став го потврдивме и аргументиравме“, вели Мицкоски, додавајќи оти не прифаќаат уставни измени, како што велат „под бугарски диктат“.

Според него, владата нема кредибилитет и ги злоупотребува претставниците на меѓународната заедница чии што дел се и САД, со лажни информации.

„Дел од тие лажни информации моравме да ги дебрефираме за време на состанокот и за време на средбата со Ескобар и амбасадорката Агелер“, рече тој.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, исто како Ескобар и Агелер бил загрижен за актуелната состојба во Македонија, но и многу повеќе од нив бидејќи тој сепак живее во оваа држава.

„Но, најголем приоритет има квалитетот на нашите сограѓани и состојбата во која нашите сограѓани живеат во Македонија. За тоа да се промени потребни се предвремени парламентарни избори“, вели Мицкоски.

Тој додал дека нивната „цел е колку поскоро имаме предвремени парламентарни избори, толку повеќе да дојде влада со народен легитимитет“, бидејќи оваа влада не може да испорача реформи.