Македонија Мицкоски денеска со протест пред влада ќе бара предвремени парламентарни избори

Мицкоски денеска со протест пред влада ќе бара предвремени парламентарни избори

Фото: Архива на Мета.мк

ВМРО-ДПМНЕ и помалите партии од опозициската коалиција денеска со почеток од 20 часот ќе одржат протест пред владиното седиште во центарот на Скопје. Христијан Мицкоски на овој начин ќе притисне за одржување на предвремени парламентарни избори во земјава наесен, иако ставот на СДСМ и владејачкото мнозинство е дека наредните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

Во повикот до граѓаните за учество на протестот, ВМРО-ДПМНЕ во официјалното соопштение вели дека станува збор за протест за промени, којшто ќе биде достоинствен, масовен и мирен протест.

Сепак, тие уште пред неговиот почеток се оградуваат од инфилтрати, коишто се „надвор од веќе објавеното сценарио кое предвидува обединување на народот под македонското знаме“.

„Официјални обележја на протестот (знамиња, симболи, реквизити) ќе бидат само државното знаме на Република Македонија, знамињата кои се симболите на деловите од народ кои што живеат во Република Македонија, како и партиските знамиња на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, и обележјата на евроатланските организации кои се стратешка определба на нашата држава“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија информираат дека ќе организираат и отворено студио пред владиното седиште со почеток од 18:30 часот, на кое ќе учествуваат пратеници и претставници на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе го пренесуваат во живо на социјалните мрежи.

Опозицијата протестот го одржува пред Владата во Скопје под мотото „Премногу е“, а демонстрантите до таму ќе стигнат од три локации како собирни места: спроти зградата на МТВ, пред Трговскиот центар „Буњаковец“ и пред Собранието.

Од владејачката партија СДСМ му порачуваат на Христијан Мицкоски дека одработува за туѓи интереси и има очигледна антидржавна агенда.

„Секогаш кога државата се наоѓа во деликатни состојби и важни процеси, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прават се за дополнително да ја отежнат позицијата на државата. Со таквото однесување, станува јасно дека Мицкоски одработува за туѓи интереси“, се наведува во соопштението на СДСМ пред денешниот протест во Скопје.