Дописници Мендух Тачи: Преговорите нема да бидат успешни ако лидерите не постигнат договор...

Мендух Тачи: Преговорите нема да бидат успешни ако лидерите не постигнат договор за името

Доколку не се постигне договор околу прашањето за името, дијалогот што се води помеѓу политичките лидери нема да има никакво значење. Ова го изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи, на одбележувањето на годишнината на партијата, во чии рамки опозициската партија организираше вечера во согласност со рамазанските пости.

– Слушнавме, демантираат двете политички партии, и ВМРО-ДПМНЕ и  СДСМ, дека ние не сме разговарале за прашањето за името, за време на лидерските состаноци. Уште еднаш повторувам, ако не се реши прашањето за името, целиот овој дијалог, кој е спонзориран од меѓународната заедница, нема да има значење. Ги повикувам сите да ја видат втората точка од договорот во Пржино, според која ние сите се залагаме да се придвижи евроинтеграцискиот процес на Македонија – изјави Тачи.

Тој во својот говор, на опозициските партии Беса и НДП, им посака многу успех во нивниот понатамошен политички ангажман.

– Немаме ништо против тие да имаат опозициски ангажман и подготвен сум со нив да разговарам и да седнам и со сите други, кои мислат дека за да се промени ситуацијата на Албанците, сите заедно во април наредната година треба да гласаме против ДУИ и Али Ахмети – рече Тачи.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, додаде дека Македонија длабоко тоне во политичка криза, а прашањето за Албанците сè уште не се решава и по 14 години од потпишувањето на Рамковниот договор.