Македонија Мемети: Сите граѓански иницијативи се легитимни

Мемети: Сите граѓански иницијативи се легитимни

Народниот правобранител смета дека е легитимна најавената иницијатива за собирање потписи за утврдување статус на предлагач на закон за амнестија на осудените лица и не гледа пречка да се даде можност за спроведување на едно вакво демократско право.

„Затворите секогаш биле во фокусот на интересирање на народниот правобранител и тоа, како од аспект на превенцијата, така и на заштитата. По добивањето информации за иницијативата за собирање потписи, како и по најавата за штрајк со глад во казнено-поправните установи во земјата, тимовите на Народниот правобранител од главната и од регионалните канцеларии се на терен во затворите низ републиката за утврдување на состојбата, како и за превенција и за заштита на лицата што се приклучуваат кон инцијативата за потписи, како и на тие што ја одбиваат затворската храна“, пишува во соопштението на Омбудсманот.

Народниот правобранител потсетува на неговите препораки за преземање мерки и дејства во правец на намалување на пренатрупаноста, обезбедување и подобрување на здравствените услуги за соодветна и навремена здравствена заштита, како и за подобрување на работата на Службата за превоспитување заради остварување на основната цел – ресоцијализација на осудените лица.