Здравје Меџити: Лани биле евидентирани 83 нови случаи на хепатитис, најзастапен е хепатитис...

Меџити: Лани биле евидентирани 83 нови случаи на хепатитис, најзастапен е хепатитис Б

Pаното откривање на хепатитисот е од огромна важност за третманот и токму затоа тестирањето игра витална улога во идентификувањето на инфекциите во рана фаза кога и самата терапија може да биде највлијателна

Фото: Министерство за здравство

Статистиките покажуваат дека лани во земјата биле евидентирани 83 нови случаи на хепатитис, од кои најзастапен е хепатитис Б со 43 случаи, кажа денеска министерот Фатмир Меџити на одбележувањето на Светскиот ден за борба со хепатитисот. Тој истакна дека тежнее кон тоа да ги исполни целите на Светската здравствена организација која имплементира глобална стратегија за елиминација на хепатитисот до 2030 година.

„Министерството ќе продолжи посветено да работи со цел хепатитисот да стане наше минато. Хепатитисот претставува закана за јавното здравје, но со колективна акција и свесност, можеме да работиме на негова превенција, рано откривање и на крајот негова елиминација“, порача министерот.

На настанот кој беше организиран во партнерство со „Хепар Центар“ Битола, присуствуваа и директорите на клиниките каде пациентите со хепатитис се третираат, а беше поставена и мобилна единица за тестирање за хепатитис.

„Подигнувањето на свеста за хепатитисот е она на кое денеска ќе се фокусираме. Многу луѓе можеби живеат со хепатитис, но не знаат за тоа, преку обезбедување достапни информации и активности на терен можеме да ги поттикнеме поединците да се заштитат себеси и своите најблиски од овој „тивок непријател“, истакна Меџити.

Министерот Меџити потенцираше дека раното откривање на хепатитисот е од огромна важност за третманот и токму затоа тестирањето игра витална улога во идентификувањето на инфекциите во рана фаза кога и самата терапија може да биде највлијателна.