Македонија Машиновозачите повторно со прекин на сообраќајот бараат исплата на плата

Машиновозачите повторно со прекин на сообраќајот бараат исплата на плата

Бојкотот на машиновозачите резултира со прекин на сообраќањето на патничките и товарните возови во земјава

Фото: Мета.мк

Поради бојкот на работата од страна на машиновозачите, од денеска во 13 часот во прекин е патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава. Железничарите бараат од раководството на Железници на РСМ-Транспорт исплата на вториот дел од платата за јуни, но и покачување на коефициентите.

Бојкотот на машиновозачите резултира со прекин на сообраќањето на патничките и товарните возови во земјава, а ваквата ситуација ќе продолжи до моментот на исполнување на барањата на железничарите, информираа од Синдикатот на машиновозачите.

Поради енормните долгови што се трупаат со години наназад и нерентабилното работење на државното акционерско друштво, Железници на РСМ-Транспорт веќе подолг период наназад има потешкотии во исплаќањето плати на своите вработени. Како резултат на доцнењето на исплатата на платите, машиновозачите и останатите железничари во неколку наврати досега го блокираа железничкиот сообраќај.