Македонија Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското, велат од ТрансФормА

Од Маршот за видливост на трансродовите лица минатата година фото: Ванчо Џамбаски (април 2023)

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток од 12 часот ќе одржи марш пред Владата на РСМ.

Трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се обединуваат на петтиот марш кон глобалната акција за солидарност со трансродовите луѓе, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

„Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското. Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесува трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество“, велат од ТрансФормА.

Од маршот ќе биде испратена пораката „Маршираме храбро – 5 години видливост“, со што од ТрансФормА велат дека се обидуваат да ја зголемат видливоста на трансродовите луѓе, која е од клучно значење за обезбедување соодветно правно и социјално интегрирање на овие лица во општеството.