Дописници МАНУ ја објави програмата од „Научната и уметничка визита 2015“

МАНУ ја објави програмата од „Научната и уметничка визита 2015“

Македонската академија на науките и уметностите ја објави августовската програма од „Научната и уметничка визита 2015“, во Куќата на Уранија во Охрид.

Веќе на 1 август, сабота, од 20 часот ќе биде отворена изложба на Рубенс Наумовски „Меѓу сонот и јавето“. Изложбата ќе трае од 1 до 7 август.

Нова промоција на книга ќе има на 5 август, среда, од 20 часот. Станува збор за книгата „Преспа 2“ од академик Вера Битракова-Грозданова. Книгата ќе ја промовира академик Владо Камбовски.

На 8 август, сабота, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од кујната на Масин“ од Мирослав Масин. Изложбата ќе трае од 8 до 18 август.

На 15 август, сабота, од 20 часот ќе се промовира книгата „Курбиново“ од академик Цветан Грозданов. Промотор е академик Владо Камбовски.

На 19 август, среда, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на „Собрани драми“, четврта книга на Горан Стефановски. Промотор е академик Катица Ќулавкова, а настанот е во организација на „Охридско лето“.

На 22 август, сабота, од 20 часот, ќе биде организирана научна трибина „Македонија: Како понатаму?“. Воведни излагања ќе имаат претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, академик Георги Старделов и академик Блаже Ристовски.