Македонија Манчевски апелира членовите на Советот на МРТВ и на ААВМУ сами да...

Манчевски апелира членовите на Советот на МРТВ и на ААВМУ сами да си поднесат оставки

ВМРО-ДПМНЕ повеќе од пет месеци го блокира донесувањето на новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), а тоа го продолжи и денеска. Апелирам и членовите на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги (ААВМУ) да поднесат оставка и да овозможат да се случат медиумските реформи, порача Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во рамки на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, која ги разгледува амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ на предлог-законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– И на денешната седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваат да го блокираат процесот на носење на Законот за АВМУ. Медиумските реформи и сите останати реформи во Македонија се во заложништво, поради лични интереси на поединци, со партиска позадина и со барање за амнестија. На комисијата скоро половина година се зборува за сè освен за законот, освен за медиумските реформи, и покрај сите катастрофални резултати и оценки во изминатите десет години – истакна министерот Манчевски.

Тој на членовите на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ, повикувајќи се на нивната совест и доблест, им порача да се повлечат за да овозможат да се случат предвидените медиумски реформи, односно формирање нови независни совети кои ќе бидат слободни од политички влијанија.

– Сакам да апелирам на совест и доблест на луѓето кои членуваат во Советот на МРТВ и Советот на Агенцијата. Апелирам пред се за нивната  лична храброст да поднесат оставка. Да дозволат медиумските реформи да се случат во Македонија. Да дозволат политичарите и сите политички партии да ги тргнат рацете од медиумите. Да дозволат отворена и транспарентна постапка во којашто јавно, со име и презиме ќе се изберат членовите на овие две тела. Ќе можат и тие повторно да аплицираат и доколку исполнуваат услови да бидат избрани повторно. Мораме конечно да продолжиме со реформите во медимскта сфера и со сите останати реформи кои од процедурални причини, но во позадина поради партиски интереси и со барање за амнестија, континуирано се кочат – заклучи Манчевски.

Според него, измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела, слободно и независно работење на медиумите во државата и  шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.