Македонија Манчевски: Анонимно здружение повторно ќе донира нов споменик

Манчевски: Анонимно здружение повторно ќе донира нов споменик

На следната седница на Советот на Град Скопје, која ќе се одржи в понеделник, 29 јуни 2015 година, анонимното Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и на Крушоради од Лерин во Скопје, повторно ќе донира нов споменик на Градот, изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, на денешната прес-конференција.

– Со оглед на тоа што и во предлог-одлуката за оваа донација повторно не е наведена вредноста на споменикот, советничката група на СДСМ и на коалицијата на денешната седница за советнички прашања ќе постави прашање за вредноста на донацијата. На денешната седница за советнички прашања, помеѓу другите прашања, советничката група на СДСМ и на коалицијата ќе праша за вредноста на новиот споменик и кој е неговиот автор. Ова е веќе шести споменик што го донира анонимното здружение, без за тоа да има никакво финансиско покритие. Уште пред една година, во август 2014 година поставивме прашање за вредноста на спомениците и кои се нивните автори. Одговор нема. Официјалниот одговор од Коце Трајановски е дека прашањето го проследил до здружението и уште чекаме одговор. Ова е уште една потврда дека Никола Груевски не е способен да ги спроведе ни најосновните демократски реформи во Македонија. Ова е уште една потврда дека криминалецот Никола Груевски веднаш мора да поднесе оставка. Веднаш по оставката на Никола Груевски и о воспоставувањето на демократските институции во Македонија, ќе побараме да се спроведе истрага за потеклото на парите за спомениците кои како донации ги прима Градот Скопје и изведување пред лицето на правдата на сите инволвирани во овој случај – изјави Манчевски.