Македонија МАН: Извештајот се темели само на информации добиени од СДСМ

МАН: Извештајот се темели само на информации добиени од СДСМ

Извештајот на Европската комисија е пристрасен, субјективен, едностран е уште во составувањето бидејќи не се контактирани новинарите кои се предмет на напади и не соодветствува со реалната состојба во медиумите, реагираат од Македонската асоцијација на новинари (МАН).

„Очигледно е дека одработуваат политичка агенда која ја финансираат нивните амбасади за проекти исклучиво во корист на СДСМ и на нивните медиумски експоненти, притоа покажувајќи со прст во сите нас останати и во државните институции како лоши момци. Воопшто не се погрижиле извештајот да биде целосен, туку тој се темели само на информации добиени од СДСМ и од активисти на фондацијата Сорос и во извештајот не се спомнува ниедна форма на притисок нити жртва од СДСМ: десетици неосновани тужби од СДСМ, закани од митинзи на новинари и медими, протести пред приватен медиум. Вкупно десетина напади врз новинари со физички повреди не се нотирани во извештајот на Европската комисија. Нападот врз екипата на „Сител“, каде Ивона Талевска и снимателите завршија со видливи физички повреди на Клинички центар, нападот од Стојанче Ангелов врз новинарот и уредник на „Нетпрес“, Дејан Николовски, физички или вербални напади врз водителите Јанко Илковски и Антонио Димитриевски, заканите и навредите од СДСМ кон новинарот на „Сител“, Љупчо Златев, заканите по живот врз уредниците на „Сител“ и на весникот „Вечер“, за Бобан Нонковиќ од Амон Мра, упадите во програмата од уличарите кои себеси се нарекуваат новинари, кршењето на „Радио Слободна Македонија“ и упадот во неделникот „Република“ и неколку други“, стои во соопштението.

Оттаму велат дека во изминатиот период имаше повеќе случаи во кои како оштетени се јавуваа новинари.

„Дел од случаите се расчистени, а на дел од нив сè уште се работи, односно полицијата постапува по наредбите на јавниот обвинител, кој во одредени случаи веднаш беше информиран и даде насоки за понатамошно постапување“, изјави своевремено портпаролот на МВР, Иво Котевски, кој прецизира дека досега ги расчистиле случаите со двата напади што ги пријавил Илковски со предупредување и инцидентот меѓу Димитриевски и граѓанскиот активист Никола Наумоски. За нападите врз Ивановски и последниот, врз Стаменковски, МВР сè уште ги нема пронајдено сторителите, исто како и за џипот на Тричковски и нападот врз Талевска“, стои во соопштението.