Дописници Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, рамноправен член на ФУЕН

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, рамноправен член на ФУЕН

Етничките Македонци од Албанија, како исклучително позитивна ја примија веста дека Генералното собрание донело одлука Македонското друштво „Илинден“ од Тирана да стане рамноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). На тој начин, ова друштво е прво такво на Македонци надвор од матичната држава, односно во Европа.

Собранието е одржано во рамките на 60. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во Комотини, Република Грција.

На конгресот учествуваа 150 преставници од 20 земји, кои претставија повеќе од 30 малцинства во цела Европа. Македонското друштво „Илинден“ од Тирана беше застапувано од претседателот, Никола Ѓурѓај.

Конгресот, поддржан од Министерство за внатрешни работи на Сојузна Република Германија, го организираа Федерацијата на Турците од Западна Тракија, во Европа (ABTTF), заедно со Асоцијација на дипломираните малцински студенти од Западна Тракија (BTAYTD).

– Во согласност со својата определба и активност, Македонско друштво „Илинден“ од Тирана ги претстави статусот и условите во кои живее македонското население во Албанија. Ја искористивме можноста за средби и за размена на искуства со претставници на Македонците во Грција, односно со управителот на Движењето за култура и образование на Воден, Евгенија Натсоулидоу, и со членот Петрос Казаис, како и со отец Никодим Царкњас, симболот на движењето на Македонците од Егејска Македонија и со други. На одделни средби за нашата позиција ги информиравме Пеги Хеикинен, преставник од Шведското собрание во Република Финска, како и Халит Хабип Оглу, претседател Федерацијата на Турците од Западна Тракија во Европа (ABTTF) и потпреседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) – вели за „Мета“ Никола Ѓурѓај.