Ctrl - Z Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

Mакедонските стрип-автори воедно влегуваат и во потесниот избор за награди

На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните. На распишаниот стрип-конкурс на кој се пријавуваат 146 автори, седуммина се од нашата земја. Со тоа и оваа година Македонците се втори по бројност на оваа престижна манифестација, веднаш зад оние од Србија.

Mакедонските стрип-автори воедно влегуваат и во потесниот избор за награди. Во најдобро оценетите стрипови, изложени во „Среќна галерија“ – Белград, спаѓаат „Приказна за безбојното мече“, кој по сценарио на Александар Стеванов од Штип го црта Катерина Николовска-Тери од Скопје, и „Човек: точка во времето“ на Методија Стојановски од Куманово.

Покрај нив, на овогодинешниот конкурс распишан во рамките на Меѓународниот салон на стрип во Белград свои дела испраќаат и Цанко Стефанов, Кети Радевска, Тоде Ристо Блажевски и Војдан Андонов.

Македонските стрип-автори беа втори по бројност на оваа манифестација и во 2017 и 2018 година.