Ctrl - Z Македонска премиера на „Бизнисот на задоволството“ – љубовта, семејството и стремежот кон...

Македонска премиера на „Бизнисот на задоволството“ – љубовта, семејството и стремежот кон правдата нè водат сите нас

Ова е филм за љубовта и пријателството, за тоа што значи да изгубиме некој и како се справуваме со оваа загуба. Истовремено обработува една многу важна тема - политичката димензија на сексуалната трговија

фото: The Business of Pleasure - Movie / Фејсбук

Вчеравечер во „Синеплекс“ се одржа премиерата на македонскиот филм „Бизнисот на задоволството.

Дебитантскиот филм на режисерот Гоце Цветановски се врти околу новинарката Елени, која е опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка што станала жртва на сексуална трговија. Новинарката подготвува тајна операција за да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и тие се борат да излезат живи. 

Од македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“ / фото: Мета.мк

Ова е филм за љубовта и пријателството, за тоа што значи да изгубиме некој и како се справуваме со оваа загуба. Истовремено обработува една многу важна тема – политичката димензија на сексуалната трговија. Оваа тема е особено важна ако се земе предвид фактот дека според истражувањето на ЕУРОСТАТ во 2021 година, 68,4 отсто од регистрираните жртви на трговија со луѓе во ЕУ биле жени или девојчиња, а сексуалната експлоатација била доминантна форма на експлоатација.  

На режисерот Цветановски, кој водено е и автор на сценариото, идејата за филмот му дошла во Франција додека бил студент и добил задача да документира и проучи тема за која нема познавање. 

„Налетав на приказна за трговијата со жени во Европа и ме заинтересира бидејќи тој ланец на трговија поминуваше низ Македонија. Од таму ја проучив темата колку што се можеше, тогаш не беше интернетот толку развиен, потешко беа достапни некои информации. Но, многу ми беше интересна темата и дипломското сценарио го работев на таа тема“, рече Цветановски за Мета.мк.

Улогите во „Бизнисот на задоволството“ ги толкува мултиетничка и разновидна актерска екипа, што не е така често во македонскиот филм, а на платното може да ги видиме Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.  

фото: The Business of Pleasure – Movie / Фејсбук

Искуството и соработката, вели режисерот, биле максимално позитивни и тој е горд што овој филм работи со мултиетничка екипа и на мултиетничка тема.  

„Иако овој филм има мултиетничка екипа, за разлика од повеќето македонски филмови каде гледаме македонска страна и албанска страна, овој филм раскажува приказна за луѓе. И од двете страни има добри и лоши, не можеме да се делиме така. На крајот, сите сме луѓе, а тоа што е важно е кој колку хуманост поседува. Сите сме водени од исти пориви, љубов, семејство, понекогаш одмазда кога некој ќе ни згреши. Најсилното во овој филм е дека не се работи за посебни етнички групи, туку се работи за луѓе“, вели Цветановски.

Филмот ни нуди едно исклучително визуелно доживување – во атмосферата на едно дождливо ноќно Скопје каде и се одвива целото дејствие, полека ни се открива еден паралелен свет. Истовремено им дава ново светло на добропознатите локации на градот и нè тера да ги погледнеме со други очи. Сето ова благодарение на директорот на фотографија Фејми Даут, кој е и добитник на наградата за најдобра камера на десеттото издание на „DEA OPEN AIR International Film Festival“ во Тирана за истиот филм.  

фото: The Business of Pleasure – Movie / Фејсбук

Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм.  

„Бизнисот на задоволството“ ќе стане дел од редовниот репертоар за скопската публика. Од следната недела ќе се прикажува и во киното „Киноверзум“ во Кисела Вода, а потоа и низ другите градови низ Македонија.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм. 

 

Автор: Деспина Ковачевска