Македонија „Македонијапат“: Работиме на оспособување на сите проблематични делници

„Македонијапат“: Работиме на оспособување на сите проблематични делници

Поради обилните врнежи од дожд и надојдената вода, во прекин е сообраќајот по обиколница Скопје, од клучка Хиподром до клучка Сарај. Прекинот ќе трае до завршување на активностите околу расчистувањето и оспособувањето на патниот правец за нормално одвивање на сообраќајот, соопшти јавното претпријатие „Македонијапат“.

Од таму наведуваат дека нивните екипи се постојано на терен со комплетна механизација (возила и градежни машини) и работат на оспособување на сите проблематични делници, а во некои случаи даваат помош и на некои локални самоуправи каде што имаат потреба од механизација, како што е патниот правец Шипковица – Бродец.

– „Македонијапат“ ја следи состојбата будно, реагира експресно на сите поставени задачи, а граѓаните можат да се обратат кај нас за подетални информации на нашиот дежурен тел. број 02/ 25 61 502 или да ја посетат нашата веб-страница која се ажурира на секои два часа – велат од претпријатието.

Претпријатието апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината кон условите на патот.