Економија Македонија и Социјалистичка Република Виетнам потпишаа Договор за економска соработка

Македонија и Социјалистичка Република Виетнам потпишаа Договор за економска соработка

Денеска министерот за економија, Беким Незири, и заменик-министерот за индустрија и за трговија на Социјалистичка Република Виетнам, До Танг Хаи, потпишаа Договор за економска соработка помеѓу двете земји.

Со овој договор се создаде правна рамка за развој и за унапредување на економската соработка, која ќе ги опфати земјоделската и прехранбенате индустрија, електро-техничката индустрија, хемиската и петрохемиската индустрија, фармацевтската индустрија, соработката меѓу мали и средни претпријатија, транспортот и инфраструктурата, туризмот и животната средина, истражувањето и развојот.

Договорот предвидува промоција и зајакнување на економските односи преку коморите, владините институции, професионалните организации, кои ќе ги дефинират развојните приоритети за бизнис-секторот, учество на саеми и на форуми за запознавање со своите производствени и услужни капацитети, заедничко учество во проекти на трети пазари, формирање претставништва, подружници за вршење економски дејности (трговија, инвестиции, финансиски услуги, заеднички инвестиции, отворање индустриски капацитети и др.), давање консултантски и експертски услуги.

Потпишувањето на овој договор, кој уследи по средбата што претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, ја оствари со заменик-претседателката на Социјалистичка Република Виетнам, Нгујен Ти Доан, ќе овозможи нов влог во трговијата и можност за нови инвестиции.