Македонија Македонија и Договорот од Пржино денеска на бриселската агенда

Македонија и Договорот од Пржино денеска на бриселската агенда

Македонија и политичкиот договор од Пржино денеска во Брисел ќе биде тема на редовниот совет на министри на шефовите на дипломатија на ЕУ. Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, ќе поднесе извештај за Договорот до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, а истиот ќе го презентира и пред министрите за надворешни работи.

Доцна попладне, околу 18 часот, ќе се одржи и дванаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, со кој претседава шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак. Македонската делегација ја предводат вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, и државнитот секретар во Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажевска.

Според најавите, пред почетокот на состанокот, Бесими и Попоски ќе имаат средби со Могерини и со Хан, а по завршувањето на Советот за стабилизација и асоцијација, најавена е и прес-конференција на македонските дипломати заедно со Хан и со Лајчак.

Македонија, во 2004 година го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, кој претставува темел на односите помеѓу ЕУ и Македонија, а една година подоцна, во декември 2005 година, доби статус на кандидат за членство во ЕУ.