Македонија Македонија денеска ја отвора НАТО-страницата од својата историја

Македонија денеска ја отвора НАТО-страницата од својата историја

Со потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, земјава денеска ја отвора НАТО-страницата на својата историја. Церемонијата ќе се одвива во седиштето на Северноатлантската алијанса во Брисел, и по неа земјата ќе може да учествува во работата на сите тела на НАТО, но без право на глас.

Статусот на полноправна членка земјава под името Северна Македонија ќе го добие откако во парламентите на сите земји-членки на Северноатлантската алијанса ќе биде ратификуван овој протокол за пристапување. Според сегашните проценки, тоа ќе се случи за 9 до 18 месеци отсега.

На официјалната церемонија е поканет министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој ќе присуствува на свечениот чин на потпишување. Потписите на протоколот за пристапување на Македонија ќе ги стават постојаните дипломатски претставници на земјите-членки во НАТО.

„Со овој чекор ќе се заокружи еден значаен дел од пристапниот процес, по што следува процес на ратификација на Пристапниот протокол во националните Парламенти на земјите членки на НАТО. По потпишувањето на Пристапниот протокол, Република Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја“, велат од Министерството за надворешни работи на Македонија.

Грција треба да биде првата земја што ќе го ратификува овој протокол.

Парламентарната седница во Атина е закажана за в петок.