„Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“, се бендовите кои утре ќе настапат на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 20 часот. Платото ќе се трансформира во музичка сцена, а во организација на Јуроп хаус. Настанот е именуван како „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.
„Оваа музичка вечер ќе понуди незаборавно патување низ времето. Старите македонски хитови ќе добијат свежо и модерно руво. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро“, информираат организаторите.
Концертот ќе го води легендарниот Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во негов стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.
„Почнувајќи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот. Целта на овој настан е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во различни стилови“, велат во Јуроп хаус и ги повикуваат сите утре да дојдат и да уживаат во музиката.