Македонија ЛП повика на укинување на одлуката за распуштање на итна собраниска седница

ЛП повика на укинување на одлуката за распуштање на итна собраниска седница

Либерална партија ги повика политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, во текот на денешниот ден да поднесат предлози со кои ќе се направи измена на Изборниот законик и ќе се избрише предвидениот датум за изборите и ќе се донесе одлука за укинување на одлуката за распуштање на Собранието. Партијата повикува овие предлози да бидат ставени на дневниот ред на утрешната собраниска седница.

Од ЛП бараат во текот на денешниот ден да биде предложен Закон за измена на изборниот законик, со кој се брише предвидениот датум за изборите, да биде предложена одлука за укинување на одлуката за распуштање на Собранието и за таа цел да биде побарано свикување итна седница за утре, 23 февруари, на која ќе бидат ставени на дневен ред и усвоени предложените одлуки.

„Имајќи ја предвид јасната определба на меѓународната заедница дека одлуката за ова треба да биде резултат на одговорното однесување на партиите од власта и од опозицијата, Либералната партија потсетува дека процедуралните одредби не смее да бидат запоставени и да остават маневарски простор Собранието да не се произнесе по ова формално, но клучно прашање во насока на обезбедување веродостојни, фер и демократски избори на дополнително определен датум“, велат од Либерална партија.