Македонија ЛП: Фер и демократски избори не се можни на 24 април идната...

ЛП: Фер и демократски избори не се можни на 24 април идната година

Либералната партија смета дека по сите одложувања и пробивања на роковите што се предвидени со Договорот од Пржинo, фер и демократски избори не се можни на 24 април, пишува во соопштението на партијата.

Според соопштението на ЛП, ако се одржат изборите кои се планирани за април идната година, тие ќе бидат исти како изборите во 2014 година. Од овие причини ЛП смета дека единствен избор на опозицијата е да не го прифати датумот за одржување на изборите.

„Ако во првиот следен настап Заев енергично не го одбие 24 април како датум за избори, нормални ќе бидат сомневањата дека постои „договор под маса“ меѓу Заев и Груевски. Уште првиот пробиен рок јасно ја покажа намерата на Груевски за пролонгирање на роковите и за неизвршување на своите обврски. Поднесувањето оставка за него е само зацврстување на 24 април, а во тоа помош има и од Ахмети и од Тачи. Од целокупната досегашна имплементација на Договорот, поместување на изборите во период од два до три месеци нема да донесе суштински промени ниту во избирачкиот список, ниту во медиумите, ниту во судството и во полицијата, ниту во „техничката“ влада, а Специјалното јавно обвинителство нема да може да ги спроведе постапките навремено“, пишува во соопштението.

Според Либералната партија, суштинско решение е целосното спроведување на Договорот од Пржино.

„На потписниците на Договорот од Пржино повеќе не смее да им се дозволи да носат одлуки за мнозинството од народот“, пишува во соопштението на партијата.