Свет Европа Лондон e против испраќање британски полицајци во реонот на Кале

Лондон e против испраќање британски полицајци во реонот на Кале

Британија определила 12 милиони фунти за следните три години, како помош за властите во Кале и нивната борба со приливот на илегални имигранти

Британската влада ја отфрли можноста полицајци од Велика Британија да бидат префрлени на француската страна на каналот Ла Манш за да им помогнат на француските власти полесно да се справат  со илегалните имигранти во реонот на градот Кале.

За официјален Лондон, безбедносните работи на француска почва се работа на Франција. Според конзервативниот пратеник Џејмс Броукеншир, проблемот со имигрантите од Африка и од Блискиот Исток е сериозен, но станува збор за проблем кој е поголем и се однесува на целата Европска Унија.

Броукешир вели дека Британија веќе определила 12 милиони фунти за следните три години, како помош за властите во Кале и за нивната борба со приливот на илегални имигранти, но не се предвидува таму да се испратат и британски полицајци.

Реакцијата од Лондон доаѓа откако францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казенев, побара британски полицајци да бидат испратени во реонот на Кале, каде што ќе им помагаат  на колегите од Франција.