Македонија Лога: Нотарите и извршителите да ги бираат коморите, да се укине Вишиот...

Лога: Нотарите и извршителите да ги бираат коморите, да се укине Вишиот управен суд и да се смени Законот за судски совет

На вчерашната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, министерот за правда порачал дека е неопходно одредени активности да бидат дел од новата развојна Стратегија

Фото: Министерство за правда

На вчерашната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, која за првпат се одржа со физичко присуство, министерот за правда Кренар Лога на членовите на Советот порачал дека е неопходно одредени активности да бидат дел од новата развојна Стратегија.

Па така, министерот за правда Лога по сопствена иницијатива побарал да се укине неговото (а и на следните министри) дискреционо право за избор на нотари и извршители и да се обезбеди транспарентвост во постапките за нивно именување. Правосудниот испит, како и испитите за нотари и извршители, предлага Лога, наместо во Министерството за правда, да се полагаaт во Академијата на судии и јавни обвинители.

Понатаму, тој побарал надлежноста за издавање на лиценци за вештаци од Министерството за правда да се префрли на надлежните комори и да се предвиди можност за кривична одговорност на судиите поротници и обврска тие да поднесуваат анкетни листови за имотната состојба.

Во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор министерот за правда смета дека треба да има можност за присуство на јавност во сите постапки пред Апелационите судови и пред Врховниот суд.

„Дел од предлозите за кои ќе треба во наредниот период да се дискутира се укинувањето на Вишиот управен суд за што ќе биде потребна целосна реформа на управното право, како и измени на Законот за Судскиот совет во начинот на избор и разрешување на членови на советот. На седницата беше отворена јавна дискусија за сите забелешки, коментари и предлози од сите членови на Советот по однос на активностите од Акцискиот план“, велат од Министерството за правда.

Од ВМРО-ДПМНЕ, велат од Министерството, и покрај фактот што биле поканети да присуствуваат на седницата, не се појавиле на расправата.

„Драфт верзијата од Развојната стратегија ќе им биде доставена по што се очекува да дадат конкретни забелешки и коментари за одредени прашања. Стратегијата е од исклучителна важност од аспект на донесувањето на патоказот за владеење на правото и негово имплементирање, а со неа се очекува да се зголеми довербата во правосудството“, велат од Министерството.