Македонија Лицата со попреченост бараат прилагодени тоалети во угостителските објекти

Лицата со попреченост бараат прилагодени тоалети во угостителските објекти

Под мотото „Живот без пречки, тоалет за секого“, вечерва од 18 до 21 часот во ресторанот „Александрија“ во скопската населба Влае ќе се одржи хуманитарен настан чија цел е да ги поттикне институциите и угостителските објекти да обезбедат тоалети погодни за користење од лицата со попреченост.

„Лицата во инвалидска количка не може да се социјализираат и да излегуваат во угостителски објекти, а немаат ни оспособени тоалети по голем број институции, како и концертни сали и места на одржување на концерти и фестивали. Се случува лице во количка, да седне на кафе или пијалок во центарот на Скопје, а во тоалет мора да оди до поголемите трговски центри, затоа што само таму има пристапност за инвалиди. Затоа и се прави оваа иницијатива- да се покрене свеста и кај надлежните, општините и власта“, велат организаторите.

Ресторанот „Александрија“, велат организаторите, е прв хорека објект во Македонија, односно е приспособен за лицата со попреченост – има внимателно поставена рампа за влез, универзална архитектура и поставеност на влезна врата, како и специјално оспособен тоалет. За слепите лица пак, ќе бидат изработени и менија на Браево писмо.