Македонија Љиљана Ивановска-Шопова, нов претседател на Апелацискиот суд Скопје

Љиљана Ивановска-Шопова, нов претседател на Апелацискиот суд Скопје

Судскиот совет на Република Македонија на денешната 208. седница, за претседател на Апелацискиот суд Скопје ја избра Љиљана Ивановска-Шопова, соопштија од Судскиот совет.

На денешната седница, исто така, се избрани и нови претседатели на Основните судови во Радовиш и во Берово, а на функциите се назначени судиите Костадин Петров, односно Емилија Буриќ.

Од Судскиот совет соопштуваат дека за претседатели на судовите биле избрани кандидатите кои, покрај другите услови и критериуми, во последните две години од Судскиот совет преку автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети (АКМИС) биле оценети со највисоки оцени и во однос на другите кандидати имале добиено најголем број бодови.

Покрај изборот на претседатели на судовите, на денешната седница, Судскиот совет донел одлука и за објавување на оглас за избор на судии во апелациските судови во Скопје, Гостивар, Битола, Штип, во Основниот суд Скопје 2 и во Основниот суд Делчево.

На седницата, за вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Битола е назначена Љиљана Чочковска, судија во истиот суд.