Македонија Лидерот на ЛДП се сретна со премиерот на Луксембург

Лидерот на ЛДП се сретна со премиерот на Луксембург

Претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, и делегација на партијата, за време на вториот ден на конгресот на АЛДЕ – Европските либерал-демократи, оствари бројни билатерални средби, соопштија од партијата.

Милевски се сретна и со премиерот на Луксембург, Хавиер Бетел, чија земја во моментов претседава со ЕУ. На средбата, како што е соопштено, се разговарало за актуелната политичка состојба во Македонија, при што било констатирано дека за надминување на политичката криза е неопходно целосно спроведување на Договорот од Пржино, потпишан со посредство на ЕУ, од четирите политички партии.

За време на конгресот, Милевски се сретнал и со данската министерка за прашања на деца, образование и на родова еднаквост, Елен Тране Норби, министерот за надворешни работи на Каталонија, Роџер Албинјана, како и со повеќе пратеници во Европскиот парламент од редовите на либерал-демократските партии од Европа.