Подглавна секција Лидерката на опозицијата во Венецуела се појави на протестите и покрај заканата...

Лидерката на опозицијата во Венецуела се појави на протестите и покрај заканата за апсење

Безбедносните сили во Венецуела изминатите неколку денови се обидуваат да ги задржат масовните протести. Најмалку 11 лица загинаа во судирите со полицијата

Мачадо на протест во 2019 година / VOA, Public domain, via Wikimedia Commons

Лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо вчера се обрати на масовниот протест во главниот град Каракас, и покрај владините повици за нејзино апсење, пренесува Би-би-си.

Мачадо во текот на неделата се криеше, откако го обвини претседателот Николас Мадуро за измама на претседателските избори, на кои таа тврди дека чиста победа освоил опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес.

Мачадо вчера им се обрати на илјадниците поддржувачи во Каракас од камион со транспарент на кој пишуваше „Венецуела победи“.

„Никогаш не сме биле толку силни како денес. Режимот никогаш не бил послаб“, ѝ порача Мачадо на толпата.

Безбедносните сили во Венецуела изминатите неколку денови се обидуваат да ги задржат масовните протести. Најмалку 11 лица загинаа во судирите со полицијата.

Николас Мадуро, пак, вети максимална казна за антивладините демонстранти кои велат дека изборите биле наместени.

Изборната комисија, контролирана од сојузниците на Мадуро, тврдеше дека тој победил со освоени 52 отсто од гласовите, иако независните набљудувачи велат дека нема транспарентност.

Комисијата не го објави целосниот извештај за изборните резултати, а опозицијата вели дека нивните податоци покажуваат оти победиле со голема разлика. Анкетите пред изборите, исто така, предвидуваа победа на опозицијата.

Мадуро вчера пред приврзаниците во венецуелскиот главен град изјави дека околу 2.000 затвореници биле приведени по изборите минатата недела. Тој вети максимална казна за нив, додавајќи дека „овојпат нема да има прошка“.

Венецуелската влада е под зголемен меѓународен притисок. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот рече дека има докази оти Гонзалес победил на изборите.

Неговата изјава доаѓа откако претседателите на Бразил, Мексико и Колумбија ја повикаа Венецуела да ги објави деталните изборни резултати. Загриженост поради гласањето во Венецуела изразија и другите регионални влади, вклучително и Аргентина, Костарика, Панама и Уругвај.