Во Венецуела избија протести откако сегашниот претседател Николас Мадуро ја прогласи својата трета победа по ред на изборите и покрај изборните нерегуларности, пренесува „Асошиејтед прес“.
Националниот изборен совет (ЦНЕ) на Венецуела го прогласи Мадуро за победникот на изборите. Но, лидерот на опозицијата Едмундо Гонзалез тврди дека има пристап до околу 70 отсто од гласачките ливчиња, според кои тој има двојно повеќе гласови од Мадуро.
„Ви зборувам со смиреноста на вистината. Во наши раце ги имаме гласачките ливчиња што ја покажуваат нашата категорична и математички потврдена победа“, изјави Гонзалез.
Двајцата претседателски кандидати го повикаа народот да остане мирен и ги поканија да се соберат мирно во вторник во 11 часот за да ги прослават резултатите.
Во главниот град Каракас, протестите беа воглавно мирни, со тоа што имаше минимални судири во кои полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите. Некои од демонстрантите фрлаа камења и други предмети кон полицајците.
Обвинителството на Венецуела, кое е тесно поврзано со Мадуро, пак, изјави дека имало хакерски напад врз избирачкиот систем со цел манипулирање на резултатите. Од обвинителството тврдат дека нападот бил неуспешен.
Многу од гласачите во јужноамериканската земја се жедни за промена по 25 години владеење на Соединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ). Партијата беше под водство на познатиот Хуго Чавез сè до неговата смрт 2013, кога Николас Мадуро ја презеде неговата улога.