Свет Европа Либералите бараат објаснувања од ЕУ за вмешаноста во програмите на ЦИА

Либералите бараат објаснувања од ЕУ за вмешаноста во програмите на ЦИА

По објавувањето на извештајот на комитетот за разузнавање на Сенатот на САД, преку кој се откри бруталноста и тортурата што ја вршела ЦИА врз затвореници осомничени за тероризам, се креваат гласови и во Европската Унија кои бараат од европските влади да ја разјаснат улогата што ја одиграле во програмите на американската агенција, киднапирањата и тортурата, бара парламентарната група на европските либерали и демократи (АЛДЕ).

– Ако сакаме да бидеме кредибилни, европските земји-членки исто така треба да си разјаснат улогата во ова, како што Европскиот парламент побара повеќепати. Срамота е што Европа не само што ја поддржа оваа програма, туку одигра и активна улога во неа. Постојниот молк на земјите-членки на ЕУ е срам –  изјави Софи Ин’т’Велд, потпретседателка на групата.

Таа ја повика Европската комисија итно да го разгледа извештајот, а темата да биде ставена на дневен ред на следниот Европски самит во Брисел, кој ќе се одржи идната недела.

Извештајот на американскиот Сенат ги откри методите на тортура што ЦИА ги употребувала против осомничените за тероризам во своите затвори и кампови. Повеќе земји-членки на ЕУ и на други европски земји се осомничени дека соработувале со ЦИА во овие програми.

Македонија е една од нив, со случајот „Eл-Масри“.