Подглавна секција Либан во состојба на готовност откако Нетанјаху вети одговор на нападот врз...

Либан во состојба на готовност откако Нетанјаху вети одговор на нападот врз Голанската Висорамнина

Најновите информации велат дека израелски цивил е убиен од ракета истрелана од Либан, јавува израелскиот телевизиски канал „Н12“, а пренесе Гардијан. Израелската војска соопшти дека десет ракети биле истрелани од Либан, а една го погодила кибуцот Хагошрим, каде е регистрирана жртвата

Photo by Charbel Karam on Unsplash

Либан е во состојба на готовност откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети остар одговор на смртоносниот ракетен напад врз окупираната Голанска Висорамнина, велејќи дека „Израел нема и не може да дозволи тоа да помине“.

Во тек се дипломатски напори да се спречи ескалација во размената на огнот помеѓу милитантната група Хезболах и Израел, пренесува Гардијан.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера разговарал со израелскиот претседател Исак Херцог, нагласувајќи ја важноста да се спречи ескалација и да се постигне дипломатско решение за повеќемесечниот конфликт помеѓу Израел и Газа.

Во меѓувреме, најновите информации велат дека израелски цивил е убиен од ракета истрелана од Либан, јавува израелскиот телевизиски канал „Н12“, а пренесе Гардијан.

Израелската војска соопшти дека десет ракети биле истрелани од Либан, а една го погодила кибуцот Хагошрим, каде е регистрирана жртвата.

Во текот на изминатата ноќ пак, две бази за воздушна одбрана во јужна Сирија биле погодени од израелски ракети. Организацијата Сириска опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, објави дека нема жртво во нападите во провинцијата Дара, која се надоврзува на линијата за примирје што ги дели сириските и израелските сили на Голан.

Овој потег означува дополнително зголемување на тензиите на северната граница на Израел, по смртоносниот ракетен напад врз анектираната Голанска Висорамнина во текот на викендот, кога загинаа 12 лица.

Во напад на израелско беспилотно летало пред јужниот либански град Шакра вчера загинаа две лица, а три беа ранети, меѓу кои и едно дете, соопшти либанската цивилна одбрана.

Западните влади повикаа на смиреност, а некои ги советуваа своите граѓани да го напуштат Либан.

Министерството за надворешни работи во Берлин ги повика своите околу 1.300 германски државјани за кои се верува дека се во земјата да излезат „додека има време“.

Кипарскиот министер за надворешни работи рече дека земјата е подготвена да помогне во евакуација на цивилите доколку дојде до ескалација на тензиите меѓу Израел и Либан.

Италијанската премиерка Џорџија Мелони денеска го повика Израел да не падне во „стапицата на одмаздата“, велејќи дека е многу загрижена од ситуацијата во Либан и од ризикот од регионална ескалација, пренесува Ројтерс.

За време на официјалната посета на Кина, Мелони рече дека меѓународната заедница треба да продолжи да испраќа пораки за умереност и дека Кина може да помогне во овие напори, имајќи „цврсти врски“ со Иран и Саудиска Арабија.