Македонија Лекарска комора: За пациентите со прележан Ковид-19 е неопходна физикална рехабилитација

Лекарска комора: За пациентите со прележан Ковид-19 е неопходна физикална рехабилитација

фото: Лекарска комора

Поради намалена физичка кондиција, отежнато дишење, продолжена болка, депресија, вознемиреност и намален квалитет на живот, значителен број од пациентите по прележан Ковид-19 имаат потреба од физикална рехабилитација. Ова беше истакнато на неделната онлајн дискусија која ја организираше Лекарската комора на тема „Рехабилитација на пациенти по прележан Ковид-19“.

Настанот и неделава го модерираше претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, која истакна дека пост-ковид компликации се јавуваат на различни системи на човечкиот организам и дека тие бараат понатамошен стручен третман и лекување.

Асс. д-р Билјана Калчовска од Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација објасни дека рехабилитацискиот третман на пациентите со Ковид е организиран во неколку фази.

„Во акутната фаза третманот се одвива во одделенијата за интензивна и пост-интензивна нега во ковид болниците. Тука со помош на физикалната терапија се оптимизира дишењето, се ослободува од прекумерниот секрет и се спречуваат и лекуваат компликациите. Во пост-акутната фаза која се одвива во болниците и одделите за рехабилитација се идентификуваат и менаџираат зафатените органи и се олеснува патот кон овозможување на нормално функционирање и извршување на секојдневните активности. Фазата на продолжено лекување се спроведува во домашни услови, каде физикалната рехабилитација помага за намалување на онеспособеноста,  оптимизирање на функционирањето и подобрување на независноста и квалитетот на животот“, истакна асс. д-р Калчовска.

Планот за рехабилитација треба да биде индивидуализиран за секој пациент и треба да се спроведува во текот на целото лекување, започнувајќи од приемот на пациентот во болница, во текот на хоспитализацијата на Ковид одделенијата, па сè до неговото отпуштање од болница и насочување на пост-ковид рехабилитација.

Планот треба да биде прилагоден на состојбата и тежината на клиничката слика на пациентот, а посебно внимание треба да се обрне на постарите пациенти, пациентите со зголемена телесна тежина и оние со придружни коморбидитети.

„Матичните лекари и специјалистите од различни специјалности треба секогаш да имаат предвид дека најголем дел од пациентите после прележана Ковид-19 инфекција имаат потреба за рехабилитација. Специјалистите физијатри мораат и треба да преземат активности во насока за спроведување на пост-ковид рехабилитација во местата каде што работат. Најголем број од овие пациенти имаат компликации во текот на рехабилитацијата и мора да бидат под надзор од страна на лекар специјалист физијатар“, додава Калчовска.

Со третманот се постигнува активирање на мускулатурата и зајакнување на дишните мускули, зголемување на подвижноста на градниот кош, подобрување на проодноста на дишните патишта и продлабочување на дишењето, стимулирање на циркулацијата на крвта, урамнотежување на работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, како и спречување на хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам.

Досега на клиниката се лекувале околу 150 пост-ковид пациенти, при што најголем дел од нив при прием биле кислородно зависни, додека при испис најголем дел дишеле самостојно и оспособени за враќање на нормалните секојдневни активности. Меѓу овие пациенти нема деца, бидејќи кај нив Ковид-19 обично не прави поголеми компликации, но и во тој случај се препорачува недела до две да се избегнуваат поинтензивни физички активности, додаваат од Лекарската комора.