Македонија ЛДП и ДС повикуваат да се поништи одлуката за самораспуштање на Собранието

ЛДП и ДС повикуваат да се поништи одлуката за самораспуштање на Собранието

Демократскиот сојуз и Либерално-демократската партија ги повикаа парламентарните партии и пратениците да ја поништат одлуката за самораспуштање на Собранието и работата да продолжи додека не се создадат услови за фер и демократски избори.

Од ДС велат дека никој нема право да ги блокира суштинските реформи во судскиот систем, владеењето на правото, безбедносните системи и процесот на утврдување на одговорноста на тие што нè вовлекоа во целосна криза и во безизлезност.

„Денеска имаме историска шанса да направиме пресврт и надвор од партиските стеги и политичките водства, како претставници на граѓаните, во Собранието да гласаме во нивни интерес, да спречиме хаос и да отвориме перспективи за нормализација на состојбата и за младите генерации“, пишува во соопштението на Демократскиот сојуз.

Од ЛДП, пак, го повикаа поранешниот премиер Никола Груевски да ги стави националните интереси пред интересите на „фамилијата“.

„Сметаме дека 5  јуни е можен прифатлив датум, кога најбргу би се одржале изборите, со однапред прочистен избирачки список и со регулирани медиуми. Секој спротивен чекор на партијата на власт ќе значи погазување на Договорот од Пржино, меѓународна изолација и продлабочување на кризата, која ќе ја турне државата во уште потешка и покритична состојба“, соопштуваат од ЛДП.

Оттаму додаваат дека наместо кавги и раздор во државата, потребно е единство на сите политички чинители за успешно справување со евентуалното продлабочување на бегалската криза.