Македонија Лавот Цезар и тигарот Путин не се соседи на кучињата-бездомници

Лавот Цезар и тигарот Путин не се соседи на кучињата-бездомници

Нема расфрлано мрши од животни ниту, пак, смет во кафезите на кучињата-бездомници. Оваа е сликата што ја затекнавме денеска во зоолошката грaдина во Битола, наспроти вчершните запрепастувачки фотографии на здружението за заштита на животни „Анима мунди“, на кои се гледаа коски од заклани животни нафрлени до кафезите на кучињата-бездомници.

На четири-пет метри од кафезите на кучињата, во два одделни контејнери се складирани сметот и остатокот од храната што се користи за станарите на зоолошката градина. Коските се завиткани во црни вреќи.

Првиот човек на зоолошката градина, Ѓоко Дамевски, негира дека кучињата-бездомници се први соседи на лавовите и, напротив, тврди дека кафезите на кучињата немаат никаква поврзаност со зоолошката градина и со нејзините станари.

– Зоолошката градина се протега на површина од 2,2 хектари, лавовите се на петстотини метри одделеченост од кучињата и таквото тврдење, дека се соседи, го сметам за тенденциозно. Лавот Цезар и тигарот Путин не се соседи на кучињата-бездомници. Ние за нашите животни се грижиме најдобро што знаеме и умееме, а кафезите за кучињата се под надлежност на ЈП „Комуналец“. Што се однесува до сметот од зоолошката градина, тој уредно е складиран во кафези и во вреќи така што ниту се гледаат отпадоците од храната ниту, пак, има реа – вели Дамевски.

Од шинтерската служба во Битола, која се грижи за бездомните кучиња, пак, велат дека коските во кафезите остануваат само неколку часа, додека не се распореди и складира храната.

На обвинувањата на „Анима мунди“ возвратија и од Општина Битола. Од прес-службата на Општината велат дека во изминатите десет години немало реакции од ниту едно здружение или, пак, граѓанин за дислоцирање на кафезите со бездомни кучиња од зоолошката градина.

– Досега до Општината не е поднесено барање со објективна причина зошто да се дислоцираат кафезите од зоолошката градина. Нашите информации од наделжната шинтерска служба се дека кучињата-бездомници се добро згрижени, добро чувани, голем дел од нив вдомени и дека досега немало никаков проблем – велат од Општина Битола.

А.Б.